ФИЛИПЧЕ АЛАРМИРА ОД НЕГОТИНСКО: „За лозарите нема пари и родот им скапува, ама има 5,5 милиони евра за Дејвид Гета!“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипце, преку статус на социјалните мрежи алармира за катастрофалната состојба во македонското лозарство по посетата на неготинското село Тремник. Филипце посочува дека поради липсата на откуп, ниските цени и енормните трошоци, лозарите се принудени да ги ископачуваат своите лозја, додека Владата троши милиони за забава наместо да им помогне на земјоделците. Тој најави дека СДСМ во најкус рок ќе поднесе конкретен предлог-закон во Собранието за поддршка на лозарите.
Во продолжение ви ја пренесуваме објавата интегрално:
Во Неготинско Тремник ја видов болната слика за македонското лозарство – лозари кои го вложиле целиот свој живот и труд, пари и надеж, денес се принудени да ги ископачат лозјата. Не затоа што не сакаат да произведуваат, туку затоа што се во безизлезна тешка состојба, без никаква помош од Владата. Ова е сликата во секој лозарски регион во државата – лозарите се соочени со егзистенцијална криза.
Во среде сезона на откуп, нема откуп на грозјето – родот им скапува. Вранецот не се откупува. Откупната цена на белото грозје е понижувачки 14 денари за килограм. Трошоците за гориво, ѓубрива, препарати и работна сила се енормно зголемени.
До оваа ситуација ги доведе криминалната власт на арамијата Мицкоски – да гледаат како родот им скапува, трудот им пропаѓа. За лозарите нема пари, ама има 5.5 милиони евра за Дејвид Гета.
На лозарите им е потребна помош. СДСМ повторно ќе предложи мерка. Ќе направиме предлог-мерка за поддршка на лозарите согласно реалната состојба на терен – колку грозје е предадено на откуп, колку останува непродадено и колкави се штетите и во најкус рок ќе поднесеме соодветен предлог во Собранието за конкретна помош за лозарите.