СКОПЈЕ — Македонскиот фудбал се соочува со една од најдлабоките кризи на интегритетот и професионализмот, откако во јавноста беа изнесени шокантни детали за состојбите во судиската организација на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Претседавачот на Централниот одбор на СДСМ Герасим Лазов излезе со обемна и остра Фејсбук објава, директно насочена против претседателот Масар Омерагиќ и комесарот за судење Јосип Бартон.
Во објавата се изнесуваат сериозни сомнежи за укинување на ветените судиски такси, катастрофални и понижувачки услови за тестирање, како и за срамно прикривање на позитивни допинг-тестови за наркотици кај активни судии.
Интегрален текст од Фејсбук објавата на претседавачот на Централниот одбор на СДСМ Герасим Лазов
СКАНДАЛ ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ: Како Масар Омерагиќ и Јосип Бартон го турнаа судењето во тотален хаос и понижување!
Македонскиот фудбал се соочува со нов тежок удар, а во центарот на скандалите и острите критики се наоѓаат раководните луѓе и соработници, предводничките фигури како Масар Омерагиќ и Јосип Бартон. Наместо ветените професионални услови и модернизација, фудбалските судии се соочуваат со невидено понижување, хаос и молк околу сериозни афери.
ПРАЗНИ ВЕТУВАЊА: НАМАЛЕНИ ТАКСИ И ХАОС СО ТЕСТИРАЊЕТО
Она што беше најавувано како голем успех и епохално достигнување на Масар Омерагиќ – зголемувањето на судиските такси за просечни 3.000 денари по натпревар – оваа година е намалено и укинато! Повторно главните судии земаат 10.600 денари, а асистентите 9.600 денари.
Покрај ова, условите и организацијата се доведени до тотална апсурдност:
• Понижувачки третман: За првпат во историјата на единствената судиска листа се организира еднодневен семинар во Скопје на кој судиите треба да станат од 6 часот наутро за истиот ден да полагаат норми, а потоа да бидат избркани од терените на ФФМ без ниту едно шише вода или оброк – пракса која со години била стандард.
• Без видео-анализа и паднати судии: Сефте оваа година, за првпат на семинарот, воопшто немаше видео-анализа! На овој семинар повеќе судии не ги поминаа нормите за трчање.
• Прашање до комесарот Јосип Бартон и претседателот Масар Омерагиќ: Дали судиите Бафто, Величков, Тефику, Стојановски, Урошевиќ, С. Ристов, Стојчевски Д., Павловиќ, Котевски и Никодиновски не ја поминаа контролата и не ги истрчаа нормите? Сега овие судии еден месец најмалку не можат да судат!
• Каснење на исплатите: Дали каснат судиските такси со месеци?
За одредени (Омилени судии на Јосип Бартон) тоа очигледно не е проблем, бидејќи однапред знаат како ќе заврши одреден натпревар?!
НЕПОЗНАВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА ОД МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ БОРКО РИСТОВСКИ
Додека се дели „правда“, министерот за спорт излегува со изјави дека судиите трчале „Куперов тест“ за да бидат судии, со што покажува целосно непознавање на работите. Куперовиот тест не се трча повеќе од 25 години! За главните судии се трча SDS (Single Double Single) тестот, додека за асистентите се бара YOYO Ariet (Level 16.0) – норма која повеќе од половина од асистентите воопшто не можат да ја истрчаат.
ДОПИНГ АФЕРА ПОД ВЕЛОТ НА ТАЈНОСТА: Дали се прикриваат најблиските соработници на Јосип Бартон?
Најголемиот сомнеж за интегритетот на судењето се отвора околу прашањето за допинг-тестирањето за наркотици:
• Дали по избивањето на аферата со еден од судиите, кога ФФМ конечно спроведе допинг-тест за наркотици со земање примероци од крв и урина, на истиот тест паднаа неколку судии?
• Дали меѓу лицата кои се директно замешани во оваа валкана приказна се судиите: Дарко Јовчевски, Пларент Слихи, Мервин Топојани, Алек Урошевиќ?
• Како е можно истите судии, по пауза од само 2-3 натпревари, не само што се вратија да судат туку некои од нив почна да делат правда и на меѓународни натпревари, а не само на национални?
• Зошто резултатите од ова тестирање никогаш не беа јавно објавени пред спортската јавност?
• Дали Јосип Бартон лично ги штити овие судии затоа што му служат како слепи извршители за наместени натпревари?
Оваа веќе не се обични гласини оваа е аларм за итна истрага! Македонскиот фудбал не е приватна сопственост на неколкумина моќници за да се пркриваат позитивни тестови за наркотици?!
Во наредниот период ќе ви презентирам одредени ситуации каде судат овие судии и сами ќе заклучете зошти се штитат овие судии?!
Продолжуваме со објавување се додека криминалците не се отстранат од ФФМ……