По порастот на тензиите и јавните реакции околу заканите упатени кон премиерот Христијан Мицкоски, со остра фејсбук-реакција се огласи поранешниот градоначалник и функционер на СДСМ, Андреј Жерновски. Тој отворено ја обвини власта за двојни стандарди и лицемерие, посочувајќи дека институциите реагираат експресно само кога мета се луѓето од власта, додека заканите со ликвидација, говорот на омраза и повиците за насилство насочени кон опозицијата со години се игнорираат и премолчуваат.
Во продолжение ви ја пренесуваме објавата на Андреј Жерновски во целост:
Секоја закана со насилство е сериозна работа. Кој и да ја упати, мора да одговара.
Токму затоа, твојата вчерашна изјава отвора едно многу поедноставно прашање:
А КАДЕ БЕШЕ ТИ ДОСЕГА ?!?
Ние со пцости, невреди, закани и повици за насилство се соочуваме секојдневно.
Знаеш многу добро кој го организира и оркестрира сето тоа.
Ова на фотографијата е само еден пример од илјадници коментари со кои сме изложени претседателот на СДСМ, јас и колегите.
“ Нема ли некој да го убие Жерновски и тоа пред фамилијата” не е критика.
Не е политичка дебата.
Не е ниту различно мислење.
Тоа е повик на насилство.
А, каде се институциите кога сме ние метата?
Каде си да кажеш: „Стоп“?
Каде е во тие моменти оваа твоја загриженост за демократијата, за политичката култура, за безбедноста на луѓето кои не мислат како тебе?
Наместо тоа, со години гледаме како политичката кал (талогот, де) го истураш врз нас преку социјалните мрежи, но сега, кога ти лично добиваш закани, одеднаш се открива дека говорот на омраза е опасен, заканите се страшни, а институциите мора да реагираат.
Да, секако дека мора да реагираат.
Но за сите !!! Не само кога жртвата е од власта. Не само кога ти си во прашање!
Не може денес да бараш заштита од институциите, а до вчера да молчиш кога истите тие закани се упатувааа(т) кон политички неистомисленици.
Или институциите важат за сите, или не се институции, туку алатка на власта.
Ајде, очекувам да побараш истрага и за мојов случај. И за сите наши.
Па да видиме колку си (не)принципиелен.

Линк од објавата:




