spot_imgspot_img

Најчитани

spot_img

Може ќе ве интересира

Лекција од Подгорица

Ако има нешто позаморно од гледањето на истата општествена и долга театарска претстава со децении, тоа е кога актерите искрено веруваат дека секоја нивна реплика им е премиерна, епохална, длабока и судбоносна.

Македонската политичка сцена одамна наликува на една таква затворена провинциска сцена, каде што сценографијата е малку прашлива, костимите се подрасипани од долго носење, но амбицијата на протагонистите да играат Шекспир останува сосем недопрена.

Проблемот е штојавната публика веќе одамна не аплаудира, туку спие со отворени очи, сонувајќи за каков било пристоен излез од оваа бескрајна и леплива сегашност.

Најновата епизода на оваа трагикомедија неодамна се одигра пред очите на јавноста при посетите на високите европски бирократи во Скопје, кои со трпение на искусни дефектолози се обидоа да ни објаснат дека моментумот за проширување е реален и дека нè чека само тој фамозен, последен чекор во Уставот.

Одговорот на нашата политичка елита беше класично ремек-дело на балканскиот пазарџиски дух: наместо некаква рационална државничка одлука, добивме префинет тактички маневар завиен во дебели обланди на лажно достоинство, проследен со измислување на вечна и спасоносна формула за локален „одложен ефект”.

Токму во таа кованица — „уставни измени со одложен ефект“ — се крие целата соголена суштина на она што непогрешливо би го дијагностицирал како тежок, речиси непоправлив паланачки комплекс.

Тоа е онаа препознатлива ментална матрица на селскиот трговец кој цврсто верува дека е попаметен од сите европски институции заедно, па упорно се обидува да купи вредна стока, а некако да ја плати дури откако целосно ќе ја потроши и ќе ја препродаде на пазарот. Нашата влада порачува дека ќе ги внесеме Бугарите во Уставот, ама тоа правно да важи дури тогаш кога официјално ќе влеземе во Унијата. Оваа логика целосно го промашува значењето на европскиот процес: Европа не е награда за успешно тргување со сопствениот идентитет, туку пред сè систем на правила што треба фундаментално да те трансформира денес, за да бидеш функционален утре.

Барањето одложен ефект за реформите е јасно признание дека локалните моќници панично се плашат од сегашниот ефект на европските стандарди врз нивните затворени системи на непотизам, партизација и корупција.

Додека официјално се колнеме во европската иднина, на домашен терен се гради амбиент на перманентна опсада, каде што секој совет од Брисел се преведува како „диктат“, а секое инсистирање на владеење на правото како предавство.

За да разбереме колку е трагична оваа наша самонаметната изолација, нема потреба да гледаме кон Париз или Берлин. Доволно е да погледнеме малку посеверно, кон Црна Гора.

Таму, на само неколку стотици километри од нашето зачмаено политичко мочуриште, се одвива лекција по суров, брутален прагматизам кој целосно го деконструира нашиот децениски наратив на вечно жртвено јагне.

Што всушност направи Црна Гора за да го реши овој гордиеви јазол?

Црногорските политички елити, и покрај длабоките внатрешни идеолошки, идентитетски и етнички поделби, сфатија дека европската интеграција не е дебатен клуб каде што со часови се докажува кој е во право пред историјата, туку сурова бирократска машина:или ги штиклираш задачите или остануваш надвор во калта.

Кога Брисел им ги испорача тешките услови во поглавјата за правосудството и медиумите, Подгорица не започна епопеја за загрозеното национално достоинство. Напротив, тие експресно ги засукаа ракавите, најдоа заеднички политички компромис во парламентот помеѓу спротивставените коалиции, ги пополнија со години блокираните правосудни функции и ги изгласаа сите потребни закони за да го добијат клучниот Извештај за исполнетост на привремените мерила, таканаречениот IBAR.

Со тоа јасно покажаа дека кога целта е вистински државен интерес, сите ситни партиски изговори веднаш отпаѓаат.

Разликата помеѓу Подгорица и Скопје е суштинска и онтолошка. Црна Гора го искористи европскиот притисок како моќен лост за чистење на сопствениот двор. Тие ги искористија критериумите на ЕУ за конечно да ги уапсат и процесираат поранешните шефови на судството, врховните обвинители и високите полициски функционери кои со децении беа поврзани со организираниот криминал и корупцијата на највисоко ниво.

За нив, европските правила станаа алатка да се изгради држава, додека за нас, наводниот „надворешен притисок“ служи исклучиво како изговор за домашнен јавашлук и статус кво.

Македонската политичка елита панично се плаши од црногорското сценарио, бидејќи функционално владеење на правото по европски стандарди би значело дека половина од актуелните и поранешните функционери ќе мора веднаш да ги сменат своите кожени фотелји со затворски ќелии.

Поради тоа, полесно е да се продава магла за национална гордост пред изборното тело, додека Црна Гора со сигурни чекори граби кон полноправно членство во ЕУ, оставајќи нè да се давиме во сопствените комплекси и фрустрации.

Ова вечно чекање роди еден специфичен, разорен цинизам кај граѓаните — состојба во која веќе никој во ништо не верува, а најмалку на оние што со сериозни лица од говорниците ветуваат некаква светла иднина.

Во меѓувреме, вистинскиот живот во Македонија не се случува на седниците на Собранието ниту во здодевните телевизиски дебати, туку на автобуските станици и на аеродромите.

Најпаметниот, најпродуктивниот и најжилавиот дел од општеството едноставно одбива да биде статист во оваа лошо изрежирана драма на провинцискиот инает.

Нивното масовно заминување не е само обична економска миграција; тоа е директно гласање со нозе против една реалност која нуди само репризи на сопствените неуспеси.

Она што останува зад нив е само гласна, празна лушпа од институции и едно уморно население кое полека сфаќа дека најголемата политичка вештина на овие простори стана — како да се преживее сопствената држава.

Проевропскиот наратив не е прашање на слепа послушност или некаква романтична љубов кон далечниот Брисел, туку прашање на благороден, елементарен општествен самопреживувачки инстинкт.

Додека Црна Гора јасно и недвосмислено докажува дека со прагматизам се стигнува до крајната цел, македонската политика сè уште гордо стои на перонот, навредена од возниот ред, додека возот на историјата неповратно заминува,

оставајќи нè сами со нашите празни митови, нашите локални фрустрации и вечната паланечка досада на слепиот колосек.

Издвојуваме