Ако ги прашате ВМРО-ДПМНЕ, македонските граѓани и опозицијата немаат ниту една реална причина да се грижат за потрошувачката на струја, заштедата на вода или заштитата на животната средина. Не, секоја загриженост за ресурсите на сопствената земја е завера директно организирана од Пекинг!
Во најновото геополитичко “трилер-соопштение”, партијата на власт реши наместо со економски аргументи, да се брани со евтин холивудски сценарио: секој што поставува прашања за изградбата на дата-центри за вештачка интелигенција, всушност работи за Кина против САД. ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја направи најголемата научна фантастика во македонската политика – да ги обвини сите што се плашат од поскапа струја дека се дел од кинеска фарма за ботови!
Наместо да дадат јасни одговори за тоа колку струја ќе влечат овие центри, кој ќе ги плати сметките и како ќе се заштитат домашните ресурси, ВМРО-ДПМНЕ реши да го искористи омилениот трик: лепење етикети и ширење геополитичка магла. Според нивниот “генијален” заклучок, ако прашате каде одат народните пари и ресурси, вие автоматички ја срушивте империјата на нашите стратешки партнери.
Ова е можеби првпат во историјата на дипломатијата една партија на власт толку силно да се прецени, па да тврди дека обичната опозициска критика во Скопје ја решава глобалната трка за вештачка интелигенција меѓу Вашингтон и Пекинг.
Останува само ВМРО-ДПМНЕ да им испрати сметки за струја на граѓаните со кинески знаци, за конечно сите да разбереме дека за скапата струја и преоптоварената мрежа не се виновни нивните политики, туку некој таен кинески бот во вашата дневна соба.
Интегрално го пренесуваме соопштението на ВМРО-ДПМНЕ:
СДС на линија на Кина, против САД
Опозициската СДС на иста линија како и Кина, против Соединетите Американски Држави.
Хистеријата којашто изминатиот период СДС ја шири против евентуалната изградба на дата центри, е на иста линија со Кина и против технолошки најразвиената држава во светот и наш стратешки партнер, САД.
Во изминатиот период, слично како кај нас што прави СДС, и во САД, главно преку социјалните мрежи, се креира јавно мислење кое американскиот народ треба да го сврти против изградба на дата центри.
Неколку медиуми во Америка известуваат дека ваквото спротивставување против дата центри е организирано од Кина преку голем број профили од кинеска фарма за ботови кои на социјалните мрежи се обидуваат тивко да влијаат врз Американците.
Тезите во објавите на овие ботови, се слични како и тие кои ги користи и СДС, дека вештачката интелигенција, односно изградбата на дата центрите го оптоварува електроенергетскиот систем, ги зголемува сметките за струја, а поединци ќе се богателе на сметка на јавниот интерес.
Според пишувањата во американските медиуми, Кина тоа го право со намера на влијае врз својот најголем конкурент, затоа што моментално со САД се во трка да ги изградат најсовремените дата центри и најнапредни системи за вештачка интелигенција во светот.
И од ова гледна точка, делувањето на Кина преку ботови на социјалните мрежи да влијаат врз Американците да се спротивстават на изградбата на дата центри за вештачка интелигенција, до некаде е разбирливо.
Но, прашањето е што ги тера СДС и кој е нивниот интерес да бидат на иста линија со Кина и да се стават во функција против Америка, да шират хистерија, страв и паника во јавноста со единствена цел, граѓаните да ги свртат против можноста во државата да се градат центри за податоци кои кај нас би дошле како странска директна инвестиција.
Како ВМРО-ДПМНЕ му порачуваме на СДС дека безуспешни ќе им бидат сите обиди за да го спречат развојот на државата, и да се стават на иста линија и во служба на интереси против нашите стратешки партнери.
Иднината на светот е развојот на високата информатичка технологија и Македонија мора да го фати чекорот, за и во ова индустрија да не биде во последните родови, секако со почитување на сите законски прописи кои гарантираат заштита на животната средина, домашните ресурси и државните интереси.




