Траорна исповест на земјоделка: „За државата сме невидливи – по тешка операција ми рекоа дека не сум била вработена“
Тешката и макотрпна работа на нивата за многу жени во Македонија останува сосема непризнаена од институциите. Приказната на Оливера Ристова (44), земјоделка од Општина Могила која обработува дури 70 декари земја, ја разобличува суровата реалност со која се соочуваат жените од руралните средини.
Во емотивно интервју за медиумот „Зелена берза“, таа ја сподели својата лична драма и разочараност од системот откако поминала низ тежок оперативен зафат.
„Не сте вработена вие“ – системот ги игнорира земјоделците
Откако била подложена на операција и ѝ бил изваден орган, наместо соодветна поддршка и институционална грижа, Ристова се соочила со рамнодушност и мизерни надоместоци.
„Сум скроз разочарана. Да ви ја кажам реалноста? Јас бев крајно разочарана кога се направив операција. Ми рекоа дека следувало мизерни 2.000 денари за изваден орган“, раскажува Оливера.
Кога побарала одговор во Фондот за здравствено осигурување, следувал уште поголем шок.
„Јас кога појдов во Фондот за здравство, мене знаеш што ми рекоа? ‘Не сте вработена вие.’ Како јас ништо да не сум допринесла во државата“, вели таа со револт.
Години макотрпен труд што никој не ги признава
Ристова потсетува дека земјоделците со децении го даваат својот труд и придонесуваат во економијата преку земјоделското производство, како што е одгледувањето тутун, но кога ќе им затреба здравствена заштита или социјална сигурност, државата ги третира како невидливи.
„Нека вратат првен во Тутунска банка колку години тутун садам… Сите имаме матични броеви и кога ќе отворат во системот, не гледаат дека сум земјоделец. Значи што сме ние земјоделците?“, прашува 44-годишната земјоделка.
Оваа исповест уште еднаш го отвора прашањето за статусот на жените земјоделки во Македонија, кои и покрај тоа што секојдневно вршат физички тешка работа и произведуваат храна, се соочуваат со недостаток на основни работничко-здравствени права и системска поддршка.
Извор: Зелена берза / Видео интервју со Оливера Ристова
Видео:




