СДСМ најавува комплетен рестарт на правосудниот систем и бескомпромисна борба против корупцијата преку новиот „Мастер план за Македонија“. Претседателот на партијата, д-р Венко Филипче, во гостувањето на Канал 5 објави дека по доаѓањето на власт ќе се донесе нов Закон за антикорупција по модел на САД и Естонија, кој предвидува заштита на сведоци и конфискација на дури 95% од незаконски стекнатиот капитал. Дополнително, Филипче бара директна вмешаност на Европското обвинителство за ревизија на големите скандали — од Тетовската болница и мазутот, до унгарскиот кредит — како и спроведување целосен ветинг за сите функционери од 2017 година до денес.
Соопштението ви го пренесуваме во целост.
„Првата работа што ќе ја направиме ако граѓаните ни дадат доверба на следните избори кога и да се случат тие , дали предвремени или редовни, најпрво ќе донесеме нов Закон за антикорупција и тој закон за антикорупција, содржи заштита на сведоци кои што ќе дадат информации за корупција и заплена на нелегално стекнат имот и капитал до 95% и тоа е по пример на одредени американски закони и закони во Естонија, земја која што од кога се имплементирани таквите закони, скоро целосно е искоренета корупцијата“, рече Филипче.
Како дополнителна мерка, Филипче најави продлабочување на соработката со Европското обвинителство, особено во делот на високата корупција, со цел да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Втората работа е проширување на соработката со европското обвинителство и соработка на теми за висока корупција, затоа што граѓаните очигледно е дека се презаситени“, рече Филипче.
Филипче најави и дека ќе биде побарано повторно отворање и преиспитување на големите случаи кои, како што посочи, создаваат немир и недоверба кај граѓаните.
„Притоа ќе ги ставиме на маса да ги расчистат или да ги ревидираат сите овие големи крупни скандали коишто ствараат немир кај граѓаните. Мазутот да го отворат повторно европските обвинители, тетовската болница, прво јас ќе ја предложам да го ревидираат случајот. Не дека не им се верува на нашите обвинители, има и кај нас чесни луѓе, судии, обвинители, но како и во секоја сфера заради индивидуални безобразлоци на некои луѓе, коруптивни постапки се руши довербата во системот. Нека ги отворат, нека ги разгледаат повторно, ама нека ги разгледаат и унгарскиот кредит, нека ги разгледаат и сите овие матни зделки кои што ги прави актуелната власт. Па на тој начин постепено да почнеме да ја враќаме доверба во правосудниот систем“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче нагласи дека продолжувањето на европскиот пат е приоритет и дека соработката со европските институции во областа на владеењето на правото не значи нарушување на суверенитетот. Како дел од мерките што ги содржи мастер планот е и ветингот на сите функционери од 2017 година до сега.
„Една од точките е ветинг на сите функционери од 2017 година наваму, јас прв и сите други функционери ама и сегашните актуелни. И мислам дека нема веќе кој да има забелешка на тоа како се менаџира системот затоа што тоа ќе биде првиот чекор во расчистувањето со оваа страшна корупција која што е сега навлезена во сите пори на општеството“, рече Филипче.




