Опозициската СДСМ преку соопштение порача дека одлуките на меѓународните правосудни органи, како Специјализираните совети во Хаг, мора беспрекорно да се почитуваат од сите политички чинители. Од партијата го критикуваа претседателот на Собранието, Африм Гаши, оценувајќи ги неговите реакции како несоодветни за државник и нагласувајќи дека судот им суди на поединци, а не на цел народ. Од СДСМ исто така потенцираат дека владеењето на правото мора да важи еднакво за сите, без двојни аршини и без партиско или етничко влијание врз судството.
Во продолжение ви го пренесуваме соопштението интегрално:
Одлуките на меѓународните судови мора да се почитуваат.
Специјализираните совети во Хаг донесоа првостепена пресуда. Хашим Тачи и уште тројца се прогласени за виновни за воени злосторства. Има жалба. Процесот не е готов. Принципот е тој.
Повикуваме сите да ја почитуваат одлуката на судот и да избегнат поттикнување тензии или поделби.
СДСМ не се меша во работата на судот. Не кроиме пресуда според коалиција, нација или моментален интерес. Ако судот донел одлука за некого дека е виновен – тогаш тоа треба да се прифати, додека повисок суд не каже поинаку.
Таму обвинителството не работи „на телефон“. Затоа се бориме за Европската Унија.Законот мора да важи за сите.
Хаг судеше и кога на обвинителна клупа беше Ратко Младиќ. Тогаш рековме: пресудата мора да се почитува. И сега го велиме истото.
Законот не се избира според нацијата.
Во оваа насока, реакциите на претседателот на Собранието, Африм Гаши, се крајно несоодветни. Тој извршува државна функција, претседател е на Собранието и е претставник на држава што сака да биде дел од ЕУ. Не може да има двојни аршини.
Ова не е пресуда против албанскиот народ. Не е пресуда против правото на Косово на слобода. Судот им суди на поединци. Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, ја прави истата грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме.
Кај нас е обратно. Кај нас премиерот се меша во судот и во обвинителството. Кај нас предметите се тргаат, толкувањата се измислуваат, а Европската комисија во извештаите укажува на притисок врз правосудството. Тие сакаат партијата да биде суд. Ние одбиваме.
СДСМ ќе ја почитува одлуката на судот и ќе повторува едно:
Никој не е над законот. Ни таму. Ни тука.




