Тешка ситуација и неизвесност ги погоди лозарите во Тиквешијата. Додека надлежните институции одржуваат средби и даваат ветувања, омилената сорта грозје „Вранец“ веќе започна да скапува по нивите поради застојот во откупот.
Советниците од редовите на СДСМ во Општина Кавадарци, Горан Тодоров и Вуко Мелов, денес упатија директно и жестоко прашање до министерот за земјоделство: „Зошто се чекаше до сега?“
Тие потсетуваат дека уште на 25 август побарале итна државна интервенција и конкретни мерки за заштита на лозарите, но институциите останале без навремена реакција.

Во продолжение ви го пренесуваме нивното целосно соопштение и четирите барања со кои може да се спречи тоталната пропаст на овогодишната реколта:
НА 25 АВГУСТ ПОБАРАВМЕ ИНТЕРВЕНТЕН ОТКУП НА ВРАНЕЦОТ. ДЕНЕС ВРАНЕЦОТ ВЕЌЕ СКАПУВА НА НИВИТЕ.
Денес заедно со Горан Тодоров бевме на средбата со лозарите, на која присуствуваа министерот за земјоделство и градоначалникот на Кавадарци.
До министерот поставив конкретно прашање:
ЗОШТО СЕ ЧЕКАШЕ ДО СЕГА?
Утре е 10 септември. Вранецот веќе стои по нивите и почнува да скапува.
А ние за проблемот предупредивме уште на 25 август.
На седницата на Советот на Општина Кавадарци ги предложивме и донесовме конкретните заклучоци за да се спречи токму оваа ситуација.
И најважниот од нив беше:
ОРГАНИЗИРАЊЕ ИНТЕРВЕНТЕН ОТКУП НА ВРАНЕЦОТ ОД СТРАНА НА ДРЖАВАТА, ДОКОЛКУ ВИНАРИИТЕ НЕМААТ ОТКУПЕН КАПАЦИТЕТ ЗА ПРОИЗВЕДЕНОТО ГРОЗЈЕ.
Не го бараме интервентниот откуп сега, кога дел од грозјето веќе пропаѓа. Го побаравме пред две недели, кога сè уште имаше време да се реагира.
Но покрај интервентниот откуп, предложивме и други конкретни мерки:
1. Укинување на намалувањето од 8 проценти при авансна исплата.
2. Дополнителна државна субвенција за секој откупен килограм винско грозје.
3. Јавно објавување на целосната методологија според која се утврдува откупната цена.
Ова се четири конкретни мерки.
Не политички пароли.
Не флоскули.
Не барања измислени за дневна политика.
Туку мерки со кои можеше навреме да се реагира и да се заштити лозарот.
Затоа денес повторно бараме:
СПРОВЕДЕТЕ ГИ ЗАКЛУЧОЦИТЕ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КАВАДАРЦИ.
Ако навистина сакате да му помогнете на лозарот, сега е моментот за конкретна реакција.
Затоа што додека институциите разговараат, ВРАНЕЦОТ НЕ ЧЕКА. ТОЈ СКАПУВА НА НИВИТЕ.
Лозарот нема време за уште едно ветување.
Лозарот бара решение.




