По речиси две години на власт, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ конечно го реши најголемиот демографски мистериум во државата: зошто годинава има помалку ученици во прво одделение.
Според нивната најнова математичка и демографска анализа, кривицата за тоа колку деца се родиле пред точно шест години (во 2018 година) ја сноси исклучиво тогашната влада на СДСМ. Во партиското соопштение, ВМРО-ДПМНЕ ги потсетува граѓаните дека тие се на власт „само“ две години и дека за тој период, сепак, „не се прават чуда“ во креветот и родилниците, па затоа демографскиот дефицит мора да му се препише на противникот.
Додека граѓаните го чекаат најавеното враќање на младите и економскиот процут, од владејачката партија како главен спасоносен чекор против празните училишни клупи ја истакнуваат мерката за поевтин школски прибор – трета година по ред. Бидејќи, според логиката на Владата, поевтините тетратки и моливи се токму оној клучен поттик што ќе ги натера младите парови да останат во земјава и да го зголемат наталитетот. ,
Наместо преземање одговорност за актуелните трендови и иселувањето што продолжува, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги враќа стрелките на часовникот шест години назад, потврдувајќи дека политичкиот календар во Македонија секогаш мери во минато време.
Во продолжение ви го пренесуваме соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во целост:
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:
Талогот на СДС ако сака да знае зошто има помалку ученици во прво одделение годинава треба да погледне шест години наназад кога токму тие беа власт
Венко Филипче во име на СДС и неговото раководство кое секој ден ни покажува и докажува дека се талог на општеството, а за што говорат нивните постапки, никако не можат да се вклучат во реалниот живот.
Филипче за да најде одговор за намалената бројка на ученици во прво одделение, треба да погледне шест години наназад. Да, треба да погледне шест години наназад и да се сети кој бил на власт. Значи, намалениот број на ученици во прво одделение годинава е резултат токму на благо кажано лошите политики на владата на СДС предводена од Зоран Заев во кој Филипче беше министер. Мало потсетување, на сите ни е јасно какви антисемејни политики водеше СДС и колку не обрнуваше внимание на демографијата и иселувањето.
За разлика од талогот на СДС, кој само лаже, манипулира и шири паника меѓу граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ како партија која ја предводи Владата е сосема свесна за ситуацијата и работи да ја подобри истата. Но, за две години чуда не се прават.
Во овој период Владата носи посебни мерки, меѓу кои е и мерката за намалување на цената на училишниот прибор и тоа се случува трета година по ред.
ВМРО-ДПМНЕ јасно укажува и дека ова се должи на демографијата, која во овој проблем со намалување на учениците во прво одделение, учествува со околу 90 проценти, а другиот проблем е во иселувањето. ВМРО-ДПМНЕ во овие повеќе од две години две години, активно работи на подобар животен стандард и квалитетна животна околина.




