Денеска преку прес-конференција, Кети Штерјова од СДСМ упати остри критики до Владата предводена од Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја за историски најголема економска неодговорност и загрозување на финансиската стабилност на државата. Според изнесените податоци, за само две години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, државниот долг е зголемен за огромни 4 милијарди евра — сума која претставува дури половина од вкупното задолжување на сите претходни влади во изминатите 35 години независност.
Од СДСМ истакнуваат дека наместо подобрување на стандардот, граѓаните се соочуваат со енормен раст на цените, зголемување на синдикалната кошничка за 10.000 денари и трајно намалена куповна моќ, додека новиот долг се прелева во партиски тендери и лични интереси.
Во продолжение, соопштението од прес-конференцијата ви го пренесуваме интегрално.
Прес-конференција на СДСМ, Кети Штерјова
За само две години, Мицкоски и неговата Влада ја задолжија државата со околу 4 милијарди евра нов долг.
Околу 8 милијарди евра се вкупните задолжувања на сите влади во 35 години независна Македонија.
Мицкоски за само две години направи половина од тој долг.
Ова е економска неодговорност – опасно трупање долгови врз грбот на граѓаните.
Ова е темпо на задолжување какво што Македонија не видела во својата историја.
Јавниот долг се движи кон 12 милијарди евра, односно над 65 % од БДП, а каматите што државата ги плаќа годишно се зголемија од 120 на околу 350 милиони евра.
Овие нови 4 милијарди евра не се ниту за подобрување на стандардот на граѓаните, ниту за мерки за граѓаните и капитални инвестиции, ниту за подобар живот.
Ова се пари кои одат директно на контото на ВМРО ОКГ – во криминалните партиски тендери на Мицкоски и неговата криминална организација.
И додека ја задолжуваат државата со историски размери, граѓаните за две години се соочија со тешка сиромаштија.
Може Мицкоски да раскажува приказни за „трета економија“ во Европа и стабилизирана инфлација колку сака, реалноста што граѓаните ја живеат е сурова.
За само две години општото ниво на цените е зголемено за 7 %. Синдикалната кошничка е постапена за 10.000 денари.
Куповната моќ на граѓаните е трајно намалена.
Статистиката ја гледаат граѓаните преку празниот фрижидер и паричник, високите сметки и поскапата храна.
Вистината е дека Мицкоски ја задолжува државата до плафон, а граѓаните ги остава да живеат од ден за ден.
Четири милијарди евра нов долг за само две години – а граѓаните немаат подобар живот.
Имаат само нови долгови, повисоки цени и понизок стандард.
Ова не е економска политика. Ова е сметка што ВМРО-ОКГ ја испраќа на грбот на граѓаните. И таа сметка допрва ќе стигнува.
Видео:




