Словачкиот премиер Роберт Фицо предизвика жежок дипломатски скандал во редовите на Северноатлантската алијанса, откако отворено ја доведе во прашање суштината на Членот 5 за колективна одбрана. За време на своето обраќање пред студенти и медицински персонал во Прешов, Фицо децидно порача дека како шеф на владата ќе направи сѐ што е во негова моќ за да спречи Словачка да биде вовлечена во било каков вооружен конфликт.
„Може ли некој да замисли да биде активиран Членот 5 од Договорот за НАТО? Може ли некој да замисли да ни кажат: ‘Подгответе 5.000 или 10.000 војници и тие ќе одат некаде да се борат’ — без притоа да знаеме со кого, зошто или за што се бориме? Не сакам Словачка да биде дел од каков било воен конфликт поради некој си Член 5“, изјави Фицо.
Темелите на Алијансата под знак прашалник
Членот 5 од Северноатлантскиот договор претставува самиот столб на НАТО од неговото основање во 1949 година. Според овој член, вооружен напад врз една земја-членка се смета за напад врз сите останати, што ја обврзува секоја сојузничка држава да преземе акција за да му помогне на нападнатиот сојузник.
Иако Фицо истакна дека Братислава ги почитува своите членски обврски во НАТО, неговата изјава испраќа загрижувачки сигнал до сојузниците на Источното крило. Додека поголемиот дел од европските лидери постојано предупредуваат за зголемени хибридни закани и ескалација од страна на Москва, словачкиот премиер отворено сугерира дека Братислава би одбила да испрати свои трупи во случај на напад врз друг сојузник.
Овој потег веќе наиде на остри реакции и загриженост во Брисел и Вашингтон, каде што критичарите предупредуваат дека ваквата реторика директно ја подрива политиката на одвраќање и ја доведува во прашање гаранцијата за безбедност на Алијансата.
Извори:




