Студентското движење во Србија направи уште еден клучен чекор кон директно политичко учество, откако попладнево до Републичката изборна комисија (РИК) ги достави собраните потписи за кандидатура на граѓанската листа „Студентски список – Студентите победуваат“.
Собирањето потписи се одвиваше интензивно во текот на изминатите два дена низ целата земја. Финалето на оваа иницијатива беше одбележано со масовен собир пред Ректоратот на Универзитетот во Белград, од каде што студентите, поддржани од голем број граѓани, тргнаа во заеднички марш кон седиштето на РИК, нарекувајќи го настанот „прошетка на победниците“.
Атмосферата пред изборната комисија беше понесена со звуците на познатиот „Марш на Дрина“ и настап на трубачи. Собраните носеа знамиња од бројни универзитетски факултети, како и препознатлива силуета на „победникот“ со гласачка кутија во рацете.
Пред да започне маршот, пред Ректоратот се обратија Милица, студентка на Стоматолошкиот факултет, и Немања Каровиќ, доцент на Факултетот за педагошко образование, давајќи силна поддршка за студентската автономија и граѓанскиот активизам.
Движењето упати отворен повик до сите граѓани за поддршка на нивната независна листа за претстојните вонредни избори, кои се закажани за 25 октомври.




