СКАНДАЛ ВО МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ: Рекорден број кикбоксери заминуваат на Светско првенство, министерството и власта занемеа – спортистите сами го финансираат сопствениот сон!
Додека Владата и Министерството за спорт предводено од Борко Ристовски се фалат со наводни реформи, поддршка за младите и стратешки инвестиции во македонскиот спорт, реалноста на терен им удари силен шамар. Македонската кикбокс репрезентација се подготвува за настап на Светското првенство со историски најброен состав, но наместо системска грижа од државата, македонските херои се оставени сами на себе!
Нашите најдобри борци, кои треба да го веат македонското знаме на светската сцена и да донесат медали за државата, се принудени сами да си го финансираат целиот пат, престој и учество на првенството. Залудни беа сите ветувања на министерот Борко Ристовски дека спортистите конечно ќе ги добијат заслужените услови и поддршка — кога дојде ред за дејство, државната каса за нив остана заклучена.
Целиот финансиски товар за учеството паѓа директно врз спортистите и тројцата тренери, кои наместо да се фокусираат само на тактиката и борбите, мораат да бараат спонзори. Настапот на Светското првенство се овозможува благодарение на средства обезбедени директно од сопствениот џеб, како и преку помошта од општествено одговорни компании кои ја препознаа нивната мака. Додека приватниот сектор и тренерите се соочуваат со трошоците за да го спасат македонскиот спортски образ, државата и министерството остануваат само неми посматрачи.
Ова е уште еден доказ за тоталниот дебакл на спортските политики на оваа власт. Додека функционерите уживаат во своите привилегии, оние кои вистински го промовираат македонскиот бренд во светот – спортистите – мораат од сопствен џеб да плаќаат за да ја претставуваат сопствената татковина.
До кога македонските спортски бисери ќе бидат жртва на негрижата и празните ветувања на министерството?
Извор:
- Кикбокс мајтаи федерација на Македонија (КМФМ) / Спортски медиумски извештаи за настапот на репрезентацијата




