Советниците од СДСМ во Советот на Општина Кавадарци, Вуко Мелов и Горан Тодоров, предложија четири конкретни заклучоци за состојбата во лозарството и претстојниот откуп на грозјето.

Како што беше истакнато на седницата, овие заклучоци се директно насочени кон проблемите со кои лозарите се соочуваат и имаат за цел да обезбедат услови за опстанок на лозарството
Првиот заклучок се однесува на укинување на одредбата со која откупната цена се намалува за 8% при авансна исплата. Според предлагачите, оваа одредба го става лозарот во подредена позиција во однос на винарските визби и дополнително ја намалува реалната цена која ја добива производителот.
Вториот заклучок е барање за интервентен откуп на вранецот од страна на државата, доколку винарските визби не обезбедат доволен капацитет за откуп и постои опасност произведеното грозје да остане непродадено.
Третиот заклучок предвидува дополнителна државна субвенција за секој откупен килограм грозје, имајќи ги предвид зголемените производствени трошоци со кои лозарите се соочуваат.
Четвртиот заклучок се однесува на јавно и транспарентно објавување на целосната методологија за утврдување на откупната цена на грозјето.
Според предлагачите, методологијата треба јасно да ги утврди реалните производствени трошоци, реалниот принос од декар, трошоците за производство, како и критериумите и шеќерните единици врз основа на кои ќе се утврдуваат откупните цени за различните сорти.
Од СДСМ посочуваат дека овие заклучоци не треба да останат само на ниво на локален совет.
„Ова се директни барања на лозарите и Владата мора да ги прифати и реализира доколку навистина сака да помогне на лозарството“, беше истакнато на седницата.
Од предлагачите очекуваат Владата и надлежните институции да покажат конкретна подготвеност за решавање на проблемите со откупот и да не останат глуви на барањата на лозарите.




