„Антифашизмот не е споменик, туку обврска – Македонија не е депонија за туѓи проекти!“
СКОПЈЕ — По повод одбележувањето на 85-годишнината од Народното востание и Антифашистичката борба на македонскиот народ, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) испрати официјално соопштение до јавноста. Во соопштението се истакнува суштинското значење на 11 Октомври како темел на македонската државност, при што партијата упати силни пораки за зачувување на демократските вредности, заштита на националните ресурси и европската иднина на земјата.
СДСМ прави жестока паралела меѓу историскиот непокор на партизаните и современата борба против корупцијата, лажниот патриотизам, медиумскиот мрак и обидите за претворање на државата во полигон за туѓи бизнис-интереси.
Едиторијалот на napred.mk ги следи овие клучни општествени пораки кои ја дефинираат политичката дебата за иднината на Македонија.
Интегрално соопштение за јавност на СДСМ:
Во продолжение ви го пренесуваме официјалното соопштение на СДСМ во целост:
Пред 85 години партизаните излегоа за слободна држава. За слобода. За достоинство на човекот. Против фашизмот!
Не за поделба. Не за понижување на народот. Не за да го викаат талог, мочуриште, медиокритети, глодари. Тој речник не е од 11 Октомври и вредносите на НОБ. Тој речник е од друга традиција. СДСМ ја памети својата, секогаш на вистинската страна на историјата.
Антифашизмот не е споменик туку обврска. Обврска да се живее во мир и слога, не во закани и раздор.
Обврска законот да важи за сите, не само за оние што немаат кабинет. Обврска зборот да биде слободен, а медиумот да не биде во мрак.
Обврска државата да работи за себе, не за интерес на друга земја.
Иднината е во Европа. Во подобар стандард. Во плата од која се живее достоинствено и добро. Во пензија што не се крои секој месец. Во чиста и здрава вода. Во млади што остануваат дома, не затоа што им е речено да бидат патриоти, туку затоа што имаат работа, дом и иднина.
Патриотизам е како се живее денес и што им се остава на децата утре.
Да не мораат да земаат бугарски пасоши. Да не мораат да глумат патриоти заради личен интерес, туку вистински да ја сакаат и да ја почитуваат својата татковина. Лажниот патриотизам не смее да биде пат кон власт.
Македонија не е депонија за туѓ проект. Не е рудник за туѓа муниција. Не е хардвер за туѓа дигитализација. Не е ходник за туѓа агенда. Не е каса за провизија. Македонија е заедничка татковина.
Се работи за сопствената татковина, се живее со соседите. Доколку е потребно и се преговара, не се провоцира.
Предците се бореа да имаме држава. Денешната генерација има битка за иднината. Битка против корупцијата и криминалот, за подобар живот, повисоки плати. Битка за слобода на говор и медиуми. Битка за нормален и достоинствен живот. Битка да живее чесниот свет, не банда. Заедничка битка за Европа.
СДСМ е наследник на таа борба. Со демократски средства. Со вистина. Со глас на народот.
Државата ќе ја вратиме во служба на народот. Иднината не е во поделбите. Иднината е во Европа, во правда и во слобода.




