Опозицискиот СДСМ преку соопштение упати жестоки обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката партија за целосна загарбеност и контрола врз правосудниот систем. Од партијата посочуваат дека обвинувањата на власта кон опозицијата за судските одлуки се само патетична проекција и обид за дефокусирање, додека истите тие веќе две и пол години целосно раководат со сите безбедносни и правосудни институции.
Во продолжение ви го пренесуваме соопштението на СДСМ интегрално:
Интегрално соопштение на СДСМ:
Да е правосудството независно, Мицкоски и ВМРО-ОКГ немаше да бидaт слободни.
ВМРО-ОКГ и Мицкоски повторно ја врти плочата: Врховниот суд ја укинал пресудата за Ласкарци, Стевчо излегува на слобода – и сето тоа е „судство под контрола на СДС“.
Класична проекција на арамијата Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Две и пол години сте на власт. Вие ја презедовте полицијата. Вие ја презедовте АНБ. Вие ги презедовте обвинителствата. Вие ги презедовте судовите. Вие ги именувате кадрите.
Поставувате сопруги на функционери на ВМРО-ОКГ, кадри на Сашо Мијалков, советници на Мицкоски, партиски послушници. Вие седнувате до државниот обвинител и испраќате закани за „расчистување со талогот“. Мицкоски, преку телефон, телевизија и собраниската говорница, нарачува истраги. Менува и избира обвинители преку телевизија. Ги навредува поранешните обвинители и ги нарекува медиокритети.
Вие ги ослободувате Латас и Груевски. Вие си го враќате имотот стекнат преку криминал, измислувајќи апелациски дефиниции… Сето тоа го правите вие и Мицкоски, вашиот шеф на бандата.
А сега, кога некоја одлука не ви одговара – повторно е „вина на СДС и ДУИ“. ДУИ со кои договарате вонредни избори?
Кога вашиот возач зема мито – се оградувате. Кога телохранителот на Мицкоски тепа жена – вие го ослободувате. Кога 5 тони дрога ги испраќате преку граница до сестринската СНС и Вучиќ – нема одговорни. Ги отфрлате пријавите до обвинителството за Мицкоски и членовите на бандата преку ноќ. Пријавите за труење на водата стојат во обвинителството и никој не ги гледа. Кога вашите кадри се вмешуваат во тендери – молчите. Кога вашите луѓе имаат фирми во Бугарија и бугарски пасоши – молчите. Кога вашите министри го слават Младиќ, осуден воен злосторник за геноцид – молчите.
Но кога судска одлука не ви се допаѓа – веднаш е „контрола на опозицијата“.
Сакате да го прикриете фактот дека институциите сега се под ваша контрола и дека правдата е селективна – за вашите луѓе една, за другите друга. Но, не може. Сите веќе знаат.
СДСМ бара едноставно: Независно судство. Независно обвинителство. Еднаква примена на законот за сите – без разлика дали се викаат Мицкоски, Јанушев, Тошковски или некој друг.
Затоа СДСМ ја сака Европа, затоа што Европа носи независно правосудство и европско обвинителство. А затоа вие не ја сакате Европа, бидејќи тогаш вашата организирана криминална група, со шефот Мицкоски, веќе би била зад решетки.
Додека тоа не се случи, додека не се ослободат институциите, а власта не се врати во рацете на народот, секоја приказна за „судство под контрола на СДС“ е само уште една лага од организираната криминална група што ја зароби државата.
Да е правосудството слободно, вие немаше да бидете слободни.




