Аналитичарот и колумнист Ненад Јовановиќ во својот најнов Фејсбук-статус упати остра и критична дисекција на политичкиот дискурс, лажниот елитизам и ПР-стратегиите на актуелната власт. Анализирајќи ја подделената јавност и контроверзните изјави за „елитата и талогот“, тој посочува дека зад скапите часовници и брендираните костуми не се крие државничка авторитетност, туку провинциски страв и длабок комплекс.
Во продолжение ви го пренесуваме фејсбук-статусот на аналитичарот и колумнист Ненад Јовановиќ, кој дава жестока критика на политичкиот дискурс, лажниот елитизам и ПР-стратегиите на актуелната власт:
Брендирањето на сопствената ароганција како „елита“
Кога премиерот Христијан Мицкоски излегува на говорница и со декрет го дели народот на „елита“ и „талог“, јас не гледам државник. Јас гледам лош креативен директор на пропадната рекламна агенција. Тоа е најевтиниот адвертајзинг трик: создаваш измислен дефект кај потрошувачот, го нарекуваш со одвратно име („талог“) и потоа се продаваш себеси како единствениот премиум детергент кој може да го исчисти.
Ова не е борба меѓу супериорните и инфериорните. Ова е патетичен крик на една политичка структура која има панична, речиси детска потреба да биде признаена како софистицирана елита, додека во реалноста – тие се светлосни години далеку од тоа.
Јавноста со денови дебатира за тоа дека Мицкоски носи рачен часовник вреден 60.000 евра. Каков спектакуларен, дијаболичен кич! Во земја каде што просечниот граѓанин едвај преживува, да ставиш предмет од 60.000 евра на зглобот не е доказ за елитизам. Тоа е доказ за длабок, неизлечив комплекс на пониска вредност.
Тој часовник не мери време. Тој мери страв. Страв дека ако му го одземете тоа парче скап метал и лошо скроениот италијански костум, зад него нема да остане ништо освен празен бирократски речник. Тоа е дефиницијата за лажна елита: луѓе кои купуваат статус бидејќи немаат капацитет да го создадат.
“Вистинската елита поседува културен капитал. Таа инспирира, таа има иронична дистанца кон светот и страда од онаа префинета, париска досада (ennui).” – Фредерик Бегбеде (види песна: Bon Entendeur – Entrevue Expérience ft. Frédéric Beigbeder)
Кога Мицкоски го користи зборот ‘талог’, тој несвесно го користи язикот на маркетинг агенциите кои го делат светот на ’таргет групи’. За нив, граѓаните се само бројки, гласови, статистички талог на дното на нивните анкети. Но, вистината е дека вистинската елита никогаш не го користи зборот ‘талог’ за другите. Зошто? Затоа што вистинската елита е премногу зафатена со презентирање на самите себе за да има време да ги презира граѓаните.
Лажната владина елита, пак, е хиперактивна во својата алчност. Тие се како момци од предградието кои по десет години лепење партиски плакати конечно ги добиле клучевите од државната каса.
И што прават?
Возат во круг со ротациони светла околу плоштадот, очајнички надевајќи се дека некој ќе ги погледне и ќе им позавиди.
Кога Власта го користи зборот „талог“, таа несвесно прави класична психолошка проекција.
Зборот „талог“ не ги опишува граѓаните на земјата Македонија – зборот го опишува внатрешниот свет на самите функционери.
Кога градиш кариера врз слепа послушност, аплаудирање на партиски состаноци и коленичење пред лидерот, ти во себе таложиш фрустрација. Кога конечно ќе седнеш во кожната фотелја на Илинденска, тој наталожен очај излегува на површина во форма на чиста, нефилтрирана ароганција.
Вистинскиот талог во оваа држава не се луѓето кои мислат поинаку од премиерот. Вистинскиот талог е системот што оваа власт го одржува во живот – систем каде што партиската книшка вреди повеќе од се’, каде што културата е сведена на евтин национален патос, а уметноста на барокен гипс. Тие се управители на едно мочуриште кои се убедени дека владеат со Версај.
Погледнете ги ПР-кампањите на оваа Влада на социјалните мрежи. Секоја објава, секое видео со висока резолуција на Инстаграм, секоја фотографија од нивните состаноци изгледа како лошо режирана реклама за осигурително друштво од раните 2000-ти.
Тие се обидуваат да го продадат својот бренд преку филтри на совршеност, но зад таа дигитална шминка се крие само паника.
Погледнете го нивниот говор на телото додека премиерот Мицкоски ја објавува војната против „талогот“. Тоа се истите оние вкочанети, сериозни пози со прекрстени раце и вештачки намуртени лица.
Тие мислат дека со тоа зрачат авторитет и сина крв.
Но, вистинскиот авторитет е опуштен. Вистинската елита не мора да се напрега за да изгледа супериорно.
Овие луѓе, пак, се толку стегнати во своите улоги, што секој нивен јавен настап изгледа како тинејџерски обид за глумење на „важни фаци“.
Тие го пакуваат својот провинциски страв во амбалажа на државнички суптилности. Но, кога ќе го отстраните скапиот ПР-целофан, останува само старата, добро позната желба за контрола над сè што се движи и мисли во оваа земја. Тие се производ со рок на траење кој очајнички се обидува да ја убеди публиката дека се вечни.
На крајот, кога ќе се угаснат сите камери и кога ќе заврши оваа претстава за „елитата и талогот“, вистината излегува на површина.
Власта не е елита затоа што има моќ; таа е само привремен управител на буџетот. Нивната дефиниција за успех е потрошувачка – часовници, функции и скапи возила.
Но, без вистински стил, без културен капитал и без капацитет за самоиронија, тие остануваат само богати луѓе во евтина политичка драма. Би го завршил овој ПР-состанок со едноставно прашање:
колку долго мислите дека купувачите ќе ви веруваат на овој лош бренд перед да сфатат дека филџанот е веќе празен?




