Македонската политичка сцена доживеа уште еден епохален, „технолошки триумф“. ВМРО-ДПМНЕ со огромна помпа објави дека воведува дигитално зачленување и ажурирање на членството, најавувајќи го ова како невиден чекор кон иднината.
Сепак, за секој што има барем малку помнење, оваа „иновација“ доаѓа со сериозно задоцнување. Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) уште пред повеќе од 5-6 години (уште во 2019/2021 година) веќе го дигитализираше своето членство, воведувајќи електронски партиски картички и онлајн-платформи за ажурирање и зачленување. Додека другите партии веќе со години ги користат придобивките на дигиталната ера, партијата на власт дури сега, во септември 2026 година, се пофали дека нивната ИТ комисија успеала да направи веб-апликација и дека чекаат одобрение од App Store и Google Play.
Очекувано за нивниот препознатлив стил, дури и оваа „дигитална револуција“ не можеше да мине без сигурна мрежа за традиционалистите — општинските комитети остануваат отворени секој ден од 17:00 до 20:00 часот, за случајно некој да не се изгуби во „мистериозните лавиринти“ на паметните телефони.
ВМРО-ДПМНЕ влегува во 21-от век на мала врата, презентирајќи ја стандардната технологија од минатото десетлетие како спектакуларен чекор напред.
Во продолжение ви го пренесуваме нивното соопштение во целост:
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:
01.09.2026
За прв пат во Македонија ВМРО-ДПМНЕ воведува дигитален процес на ажурирање и зачленување, со повик до сите членови и граѓани „Заедно за иднина – Приклучи се!“
Од 1 септември ВМРО-ДПМНЕ започнува голема кампања за ажурирање на постојното членство и отворање на партијата за нови членови под мотото „Заедно за иднина – Приклучи се!“.
Во периодот до 30 ноември, ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе процес со кој ќе направи уште еден значаен чекор во развојот на партијата, со цел изградба на посовремена, поорганизирана и уште посилна политичка организација, која е подготвена за иднината.
Ние имаме повеќедецениска историја, силна организација и бројно членство, а силата на ВМРО-ДПМНЕ се луѓето кои со децении се дел од партијата, кои верувале и придонесувале и во најтешките периоди, но и новите генерации кои носат знаење, идеи, енергија и желба активно да придонесат за иднината на Македонија.
И во таа насока пораката на кампањата е јасна и едноставна, „обнови го членството, биди активен и биди дел од иднината“.
Почнувајќи од денес во период од три месеци, секој постоечки член ќе може да ги потврди или ажурира своите податоци, а истовремено, ВМРО-ДПМНЕ ги отвора вратите за секој граѓанин кој ја прифаќа програмата на партијата и сака да се приклучи.
ВМРО-ДПМНЕ е партија отворена за нови знаења, вештини и енергија и за секој еден кој има идеја, знаење, енергија и желба да придонесе, местото му е со нас.
Во рамки на процесот, за првпат во Македонија се воведува целосно дигитален начин на зачленување и ажурирање на партиското членство и за таа цел нашата ИТ комисија изработи веб-апликација која веќе е ставена во функција во општинските комитети. Додека, пак, мобилната верзија на апликацијата е доставена до Google и Apple и по нејзиното одобрување ќе биде достапна и за мобилните телефони.
Со дигиталниот процес, пријавата, верификацијата, прифаќањето на Статутот и потврдата на членството ќе можат да се завршат дигитално за само неколку минути дигитално од телефон.
Ова е уште еден чекор кон модерна, ефикасна и технолошки напредна ВМРО-ДПМНЕ, која се менува со времето и ги користи современите технологии за да биде поблиску до своите членови, до граѓаните и пред се до новите генерации.
Но, во овој процес, никого не оставаме зад нас, затоа што дигитализацијата е дополнителна можност, а не замена за досегашниот начин на зачленување и ажурирање на членството и секој што сака тоа да го направи лично, ќе може да го направи тоа во општинските комитети. Од денес, 1 септември до 30 ноември, секој ден од 17:00 до 20:00 часот, општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат отворени за членовите и за сите граѓани кои сакаат да се приклучат.
Како и до сега, личните податоци ќе се обработуваат согласно важечките законски прописи за заштита на личните податоци.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите свои членови да го обноват и ажурираат своето членство, а сите граѓани кои досега не биле дел од партијата, но сакаат активно да придонесат за посилна и поуспешна Македонија, да се приклучат, затоа што со овој процес го поврзуваме искуството и традицијата со новата енергија.
Твоето место е со нас, затоа што заедно сме посилни и заедно одиме напред.
Заедно за иднина – Приклучи се! За ВМРО-ДПМНЕ, за Македонија.




