spot_imgspot_img

Најчитани

spot_img

Може ќе ве интересира

КЛИМОВСКИ СО БИЗАРНО ОБЈАСНУВАЊЕ: Парите на Државна лотарија не биле државни оти не легнале во трезорот?!

Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, излезе со контроверзно толкување во обид да ги оправда потрошените 4,8 милиони евра (300 милиони денари) префрлени на продукцијата „Авалон“ за прославата на независноста. Иако станува збор за акционерско друштво во 100% сопственост на државата, Климовски тврди дека парите биле „корпорациски“, а не буџетски — само затоа што не поминале низ државниот трезор.

Оваа правна гимнастика доаѓа по жестоките обвинувања од опозицијата за трошење милионски суми народни пари под превезот на корпоративно спонзорство, додека власта претходно тврдеше дека за прославата се потрошени „нула денари“.

Одговарајќи на прашањето зошто се инсистира дека 300-те милиони денари потрошени за прославата се компаниски, а не буџетски средства, Климовски рече дека правниот статус на компанијата е клучен за оваа разлика.

„Лаички што кажувате е едно. Законски и формално-правно е друго. Зошто? Затоа што Лотарија има посебен правен субјективитет“, рече Климовски.

Според неговото образложение, фактот што основач на Државна лотарија е Владата не значи дека јавните овластувања на Владата се пренесуваат и врз самото акционерско друштво.

„Тоа што основач е ентитет со јавноправни овластувања не ги пренесува тие јавноправни овластувања во Лотарија. Тие ги има по Законот за Владата кога одлучува по прашања во надлежност на Владата. Овде е акционер“, рече Климовски.

Тој тврди дека токму посебниот правен субјективитет на Државна лотарија е причината поради која приходите на компанијата, додека се на нејзините сметки, не можат да се третираат како средства од државниот буџет.

„Ова прашање е законско, не лаичко-новинарско. Тоа се посебни пари, со посебен правен ентитет. Парите ќе станат буџетски кога низ одредена процедура и одредени одлуки ќе дојдеме до точка да ги уплатиме во трезорската сметка. Сè додека не дојде до уплата на парите – тие не се буџетски“, рече директорот на Државна лотарија.

На истото прашање се надоврза и владината портпаролка Марија Митева, која рече дека доколку се бара Владата да постапува според законот, тогаш и статусот на средствата мора да се определува според законските правила.

Издвојуваме