Каранфилова-Пановска: Со кој образ Мицкоски е на гроздоберот додека лозарите се соочуваат со криза?
Заменик-претседателката на СДСМ, Каранфилова – Пановска, упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски поради неговото присуство на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“ во Кавадарци, посочувајќи дека земјоделците се оставени сами на себе во период на сериозна криза.
Според неа, додека власта се слика на свеченостите, лозарите од Тиквешијата се соочуваат со огромни проблеми – откупот на грозјето е закочен, а понудените цени се срамно ниски. Таа истакна дека Владата не презела никакви навремени мерки за да го заштити трудот на земјоделците и да им обезбеди сигурен пласман.,
„СДСМ е цврсто на страната на лозарите. Веќе предложивме конкретни мерки за надминување на оваа состојба: зголемување на откупната цена на 28 денари за ‘вранец’ и 25 денари за ‘смедеревка’, итна одлука за интервентен откуп, како и целосно укинување на спорното намалување од 8% на откупната цена“, нагласи Каранфилова – Пановска.
Таа дополнително ги обвини Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека наместо решенија, користи притисоци и заплашувања врз земјоделците кои го креваат гласот за своите права.
„Тие методи нема да поминат. СДСМ останува рамо до рамо со сите кои чесно живеат од својот труд и се борат за своите загарантирани права“, порача заменик-претседателката на партијата.
Видео:




