Скандалозни милионски профити за приватни компании наспроти мизерна кирија за државата: Анализа на проф. д-р Дејан Трајковски за ветар-паркот во Штипско!
Познатиот професор д-р Дејан Трајковски излезе со жестока анализа и сериозни предупредувања за штетноста на најновата владина одлука за издавање под закуп на над 134 хектари државно земјиште за изградба на ветар-парк во Штипско. Според неговите пресметки, станува збор за одлука со која националните природни ресурси и најдобрите еколошки локации се препуштаат на приватна странска компанија преку непосредна спогодба и без јавно наддавање, со што државата се лишува од огромни сопствени приходи и производителен капацитет.
Во продолжение е интегрално пренесен неговиот јавен став:
Интегрален текст од објавата:
Милионски профити за странски компании наспроти мизерна закупнина за државата
Оваа антинародна власт започна секој ден да прави по една нова беља. Најново е издавањето во долгорочен закуп на 134,4 хектари земјиште на Алказар Енерџи, преку нивната фирма ШТП ВИНД ДООЕЛ, Скопје, за ветропаркот во штипско по смешна цена од наводно само 0,2% (!) од утврдената цена по метар квадратен годишно. Владата ја донела одлуката врз основа на непосредна спогодба за објекти од јавен интерес (иако тука постои интерес само за приватната компанија), без никаков јавен оглас и наддавање. Ова отвора сериозен сомнеж за отсуство на транспарентност и економска логика, бидејќи заобиколувањето на конкурентското наддавање директно ги загрозува јавните интереси.
На страна што ја оштетиле државата со одземање на можноста да изгради сопствен ветропарк на локацијата со најмногу ветер во земјава, туку и цената е мизерно ниска во однос на профитот што Алказар Енерџи ќе го извлекува од нашата земја и ветер. Барем да се испазареа државата да добиваше 30% од произведената електрична енергија, иако и тоа не е оптимално решение бидејќи самите не инвестираме, но вака загубата и штетата е целосна. Дополнително, фрапантно и недопустиво е што државата свесно се откажува од улогата на енергетски производител во време кога зелената енергија е најголем ресурс и профитен потенцијал на иднината.
Не знаеме колкава е цената на градежното земјиште, но дури да претпоставиме и највисока цена, како во градска средина, од 50 евра за квадратен метар, 0,2% претставуваат само 1/500 од 50 евра односно само 0,1 евро или 6 денари по квадратен метар годишно. За сите 134,4 хектари, поточно за 1.344.965 квадратни метри државата би инкасирала смешни 134.500 евра (0,13 милиони евра) годишно. Од друга страна, Алказар Енерџи ќе остварува приход од околу 100 милиони евра годишно (од 1 TWh, односно 1.000.000 МWh по најмалку 100 евра/MWh). Годишната кирија ќе ја исплатат за само 2,5 часа работа на ветрогенераторите. Овој сооднос покажува дека приватната компанија ќе остварува огромен екстра профит, додека државниот буџет ќе добива симболични трошки за ресурс кој е национално богатство.
Со други зборови, државата би добила најмногу 0,13% за годишен закуп и не би добила никаква концесија за ветерот. Ако ни треба електрична енергија, ќе мораме да ја купиме од нив по моменталната пазарна цена, односно исто како да сме ја увезле, само што вака власта нé лишила од најдобрите локации и можноста сами да си ја произведеме струјата. Наместо граѓаните да имаат корист од сопствените природни потенцијали, тие повторно се ставени во улога на купувачи на сопствената енергија по пазарни цени.
Поради ваквите сериозни индикации за штетност, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и надлежните институции мора под итно да го преиспитаат овој договор и да утврдат дали постои одговорност кај носителите на одлуките, иако тоа изгледа како невозможна мисија во една целосно партизирана држава.
Секој граѓанин треба длабоко да се замисли зошто националните ресурси (не само од енергетиката, туку и рударството) се распродаваат за мизерни суми и кој и зошто им го овозможи тоа, наместо да работат во корист на целото општество. Овие прашања секој мора да си ги постави пред да излезе на гласање на следните избори. Крајно време е тие што со години ги давале својата поддршка и одобрување за ваквите штетни политики да се запрашаат дали слепата партиска лојалност им донела нешто добро, или само ни ги натоварила овие штетни одлуки на грб. Партијата не ни е семејство ниту брачен другар за кого сме венчани, а повторното гласање за истото зло би било директно гласање против сопствената иднина.