spot_imgspot_img

Најчитани

spot_img

Може ќе ве интересира

Уште едно ПР додворување на Мицкоски кон Трамп кое пак ќе го промаши периметарот

Во најновото интервју за американскиот десничарски медиум Breitbart News, премиерот Христијан Мицкоски со драматична реторика го потврди неограничениот ентузијазам на македонската Влада кон администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Прогласувајќи ја Македонија за „клучна точка и силен столб на американските интереси на Балканот“, Мицкоски отворено се пофали дека неговата гарнитура давала поддршка за Трамп дури и кога ретко кој во Европа верувал во негова победа.

Сепак, зад овие помпезни изјави и јавната покана до Трамп да го посети Скопје, повторно излегува на површина старата дипломатска дезориентација на македонската надворешна политика: лоша проценка на реалните политички трендови во САД и непотребно антагонизирање со Европската Унија.

Промашена проценка: Обложување на „кофњ што ги губи изборите“ во САД

Додека Мицкоски користи интервјуа во партиски обоени медиуми за да му прати политички љубовни писма на Вашингтон, домашната американска реалност му задава сериозен демант. Според сите релевантни национални анкети во САД, Републиканската партија и администрацијата на Доналд Трамп се соочуваат со екстремно висок процент на непопуларност.

Политичките авантури со царините, економските притисоци и длабоките домашни подделби ги донесоа Републиканците во исклучително подредена позиција пред претстојните среднорочни избори (Midterms). Скоро сите проценки покажуваат дека Демократите се на пат убедливо да го преземат мнозинството и во Претставничкиот дом и во Сенатот.

Фактот што македонскиот премиер ги вложува сите дипломатски и ПР ресурси во партнерство со администрација која за неколку месеци ќе ги загуби лостовите на законодавната власт во Вашингтон, покажува тотално отсуство на стратешко планирање.

Лекцијата од почетокот на мандатот: Исти грешки, нови пари за ПР

Ова не е првпат Мицкоски да се обидува да ја „купи“ или исфорсира блискоста со тимот на Трамп преку евтин маркетинг. Уште од почетокот на неговиот мандат бевме сведоци на:

  • Приватни средби со бизнисмени и ликови од опкружувањето на Трамп (како претставниците на Rumble и Trump Media).

  • Организирани патувања и присуство на на настани на маргините на инаугурацијата во Вашингтон, овозможени преку скапи лобистички и ПР агенции од САД.

Резултатот од тие лобистички авантури? Нула. Ниту Мицкоски доби официјална билатерална средба со Трамп во Белата куќа, ниту пак Македонија доби некаков повластен статус, економски бенефит или изземање од општите царински оптоварувања кои Вашингтон ги воведе во глобалната трговија. Наместо вистинска дипломатија, граѓаните добија само галерии со слики на Инстаграм од ходниците на хотелите каде беа сместени премиерот и неговата делегација.

Спротивставување на ЕУ: Целосно погрешна стратегија

Она што е уште поалармантно е што со ова додворување, Мицкоски свесно ги руши мостовите со Европската Унија (кои и онака од претходно му беа разнишани), како и со главните европски лидери.

Во интервјуто тој директно се фали дека Македонија реагира различно од „многу други сојузници во Европа“ и гласа рамо до рамо со САД во Обединетите Нации, дури и кога тоа е во спротивност со позициите на сојузниците. Во момент кога интеграцијата кон ЕУ е заглавена, а земјата има потреба од градење доверба со европските партнери, отвореното парадирање со политики кои директно контрираат на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ е дипломатски автогол.

Дополнително, оваа стратегија е осудена на пропаст и поради променетата геополитичка слика во самата Унија. Откако Виктор Орбан ја изгуби власта во Унгарија, Мицкоски практично и нема веќе сојузници во ЕУ кои би ја поддржале неговата изолирана позиција.

Заклучок

Наместо да гради долгорочна, бипартиска дипломатија со САД и засилена соработка со германските, француските и европските институции од кои директно зависи нашата економска и европска иднина, Владата повторно избра ПР-стратегија за еднократна употреба.

Интервјуто за Breitbart е само уште еден обид за креирање лажна слика пред домашната јавност дека Скопје има некаков „директен линк“ до Трамп. Но, кога ќе се исклучат рефлекторите на ПР-кампањите, суровата реалност останува иста: Македонија повторно останува изолирана од ЕУ, а американската администрација зад чиј грб се крие Мицкоски се соочува со изборен дебакл на домашен терен за само неколку месеци.

Издвојуваме