Буркина Фасо ја отвори својата прва рафинерија за злато и стави крај на децениската експлоатација!
Иако звучи речиси неверојатно за земја која е трет најголем производител на злато во Африка (со годишно производство над 94 тони), Буркина Фасо досега немаше сопствена рафинерија за преработка. Со децении, сировото и „валкано“ злато се топеше во груби легури и се извезуваше директно во Западна Европа (најчесто во Швајцарија), каде што се вршеше финалното пречистување.
Како што пренесува napred.mk, со овој колонијален модел државата со години губеше огромни приходи од данокот на додадена вредност на финалниот производ, собирајќи ги само основните такси на ископаната сировина, додека најисплатливиот дел од бизнисот му беше препуштен на Западот.
Економска револуција на Ибрахим Траоре: Нов Рударски закон и крај на странската доминација
Пред доаѓањето на власт на капетанот Ибрахим Траоре (кој воведе правило сите во државната администрација да се ословуваат со „другари“), Буркина Фасо беше под речиси целосна доминација на западен капитал, а државниот удел во рудниците изнесуваше скромни 10%.
Денес, новата власт се движи кон изградба на силна мешовита економија, но тоа го прави плански, постепено и без радикални потреси:
-
Поголем удел на државата: Со новиот Рударски закон, државата го подигна својот задолжителен удел во секој рударски проект на 15%, со дополнително право на докуп на 45% по набавна, а не по пазарна цена.
-
Спречување на 100% странско сопствеништво: Забрането е странски компании да поседуваат 100% од кој било рудник, а освен државниот удел, дел од акционерскиот капитал мора да биде резервиран за граѓаните на Буркина Фасо.
-
Заштита на домашните ресурси: Помалите и полумеханизираните рудници мора да бидат во сопственост на државата или да им се издаваат исклучиво на домашни инвеститори.
-
Локални синџири и седишта во земјата: Укнати се сите неоправдани даночни олеснувања за странците. Сите странски компании се обврзани да користат локална работна сила, а нивните официјални седишта мора да бидат во Буркина Фасо, наместо бизнисот да се води од офшор зони или европски метрополи.
Комплексот RAFFINOR-BF: 5.000 нови работни места и капацитет од 164 тони годишно
Новата рафинерија (RAFFINOR-BF), чија почетна инвестиција изнесува околу 18 милиони долари, носи историска трансформација за локалната економија. Комплексот ќе отвори над 5.000 директни и индиректни работни места, со почетен капацитет на преработка од 164 тони злато годишно (со можност за проширување над 500 тони).
Модерниот индустриски комплекс опфаќа ливница, најсовремена лабораторија за анализа, обезбедено складиште и фабрика за изработка на златен накит. Комплетниот процес – од ископување и пречистување до финална сертификација – сега комплетно се одвива внатре во Буркина Фасо.
Според анализите на napred.mk, овој потег претставува преседан за целиот регион на Западна Африка и јасен сигнал дека африканските нации ги преземаат сопствените природни богатства во свои раце.




