Политичката сцена во Македонија експлодира по жестоката реакција на опозициската партија СДСМ, која отворено и без компромис ја отфрли опомената пред тужба и барањето за јавно извинување од страна на адвокатот на сопственикот на „АТС Груп“, Шефшет Демировски.
Имено, откако од компанијата побараа повлекување на изјавите и извинување поради објавените информации кои се повикуваат на официјалниот американски регистар за лобирање (FARA) и истражувањата на реномираниот БИРН, од СДСМ порачуваат дека нема да подлегнат под притисоци, ниту пак ќе го повлечат текстот. Опозицијата најави дека наместо извинување, случајот ќе го интернационализира и директно ќе се обрати до американскиот регистар FARA и членовите на Конгресот на САД за преиспитување на лобирањето и контактите со власта.
Според истражувањето и анализите кои ги пренесува napred.mk, оваа војна со соопштенија го отвора прашањето за милионските суми дадени за лобирање, врските со контроверзни бизнис-фигури од регионот и директната поврзаност со владината агенда на премиерот Христијан Мицкоски.
Милионски суми, српско подземје и американски регистри
Во својот остар одговор, СДСМ детално ги повторува фактите од американскиот регистар FARA (под број 6170), според кои лоби куќата „Mercury“ добива дури 130.000 долари месечно (околу 1,56 милиони долари годишно) од „АТС Груп“. Посебно се потенцира материјалот од 2 април 2026 година насловен како „Стратешко партнерство САД–Северна Македонија“, каде што директно се споменува името на премиерот Христијан Мицкоски.
Покрај лобирањето во САД, СДСМ ја потсетува јавноста и на истражувањето на БИРН за апсењето на Демировски во Белград во 2019 година за поткуп околу документација за муниција од „Први партизан“. Предметот завршил во 2022 година со уплата на 250.000 евра преку опортунитет, а како уплатувач фигурира Александар Милојевиќ – Аца Цвеќар, кој подоцна е опфатен во обвинение за шверц на кокаин од Јужна Америка. СДСМ подвлекува дека Демировски не е осуден за кокаин, но фактот што неговиот опортунитет е платен од лица кои подоцна беа уапсени отвора сериозни сомнежи кои мора да бидат расчистени пред граѓаните.
Соопштението за јавност на СДСМ го пренесуваме во целост:
Интегрално соопштение на СДСМ:
Адвокатот Божидар Милошевиќ, во име на Шефшет Демировски и АТС Груп ДООЕЛ Скопје, ни достави барање за јавно извинување и повлекување на изјави, со рок и со закана за тужба. Целиот документ го објавуваме. Граѓаните нека го прочитаат.
Писмото не ги негира фактите што ги рековме. Гo менува контекстот.
Ние не рековме дека АТС Груп се занимава со трговија со кокаин, се занимава со оружје. Рековме што стои во американскиот регистар и што објави БИРН.
FARA 6170: Mercury ја плаќа АТС. 130.000 долари месечно. Околу 1,56 милиони годишно.
На 2 април 2026 истата куќа предава материјал „Стратешко партнерство САД–Северна Македонија“.
Во текстот стои пакет влада со влада. Име на премиерот Христијан Мицкоски.
БИРН objavi: Демировски е уапсен во Белград во 2019 под сомнение за поткуп околу податоци за муниција од „Први партизан“.
Во 2022 предметот завршил со опортунитет. Уплата од 250.000 евра. Уплатувач: Александар Милојевиќ – Аца Цвеќар (стои во БИРН). Подоцна е обвинет во група за шверц на кокаин од Јужна Америка. Во предметот има српски и црногорски полицајци и припадник на БИА.
Демировски во тој предмет за кокаин не е осуден. Тоа го рековме. Тоа го повторуваме.
Што писмото не кажува: дека луѓето што ја платиле неговата слобода не се во тоа. Тие се уапсени. Со имиња. Со канал.
Плаќањето на опортунитетот е доказ дека предметот за мито и корупција завршил со пари, не со јавна пресуда за невиност.
На 27 март 2025 Муцунски и Мисајловски стојат кај потписот АТС–МКЕ. Тоа е јавен запис.
Затоа бараат извинување. Не затоа што регистарот лаже. Затоа што хартијата боли.
СДСМ нема да го потпише нивниот текст и нема да се извинува. Нема да го тргне текстот реномираниот БИРН. Нема да го тргне ниту FARA.
Ги известуваме граѓаните на Македонија, адвокатот на АТС и сопственикот Демировски и арамијата Мицкоски за нашите следни чекори.
Наместо извинување, ќе се обратиме до FARA и членови на Конгресот на САД што вршат надзор.
Прашањата се прости. Дали лобирањето е правилно пријавено кога текстот е агенда на влада? Дали регистрантот проверил кој му е клиент? Кои контакти се воделе околу посетата во септември?
Нема да нè замолчат со опомена. Хартијата е јавна. БИРН е јавен.
Бандата сака тишина. СДСМ сака ВИСТИНА И ПРАВДА!




