spot_imgspot_img

Најчитани

spot_img

Може ќе ве интересира

КОГА КОМАРЦИТЕ СЕ ПОБРЗИ ОД СИСТЕМОТ

Пишува: Рената Младеновска, член на Извршниот одбор на СДСМ
Појавата и ескалацијата на случаите на западнонилска треска во земјава јасно ја отсликува вообичаената македонска реалност кога станува збор за јавното здравство, екологијата и институционалната подготвеност: реактивно менаџирање дури откако проблемот ќе се претвори во криза.
Иако вирусот не е нов за регионот и е присутен со години, секоја нова сезона на комарци како да ги затекнува надлежните институции неспремни, сведувајќи ја стратегијата на пасивна евиденција на заболени и декларативни апели.
Кога епидемиолошкиот ризик се третира како случајност, локалните самоуправи и централната власт влегуваат во ланец на префрлање на одговорноста, додека граѓаните остануваат незаштитени на отворено во периодите на врвна активност на векторите. Цената на институционалната не(подготвеност) резултира со одложени реакции и празни соопштенија.
Менаџирањето на векторски заболувања бара суштинска соработка помеѓу надлежните институции. Во пракса, оваа соработка е главно на хартиено ниво, без силна координација во следењето на резервоарите на вирусот кај птиците и животните пред да се регистрираат првите човечки жртви. Всушност станува збор за отсуство на интегриран пристап, One health. Здравјето на луѓето е директно поврзано и со здравјето на животните и состојбата на екосистемот во кој живееме. На пример, повеќе од 60% од заразните болести кај луѓето (како што се корона вирусите, птичјиот грип или западнонилската треска) се зоонози – болести што се пренесуваат од животни на луѓе.
Западнонилската треска за прв пат е регистрирана во Македонија во 2011 година. Во овие 14 години, во целата земја беа регистрирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи. Само во текот на оваа сезона (заклучно со крајот на август 2026), бројката на заразени во земјата нагло се искачи на над 50 потврдени случаи и 6 смртни случаи. Ова не се бројки, ова се човечки животи. Кој е крив? Не е комарецот. Не се коморбидитетите, како што милуваат да ги ,, оправдаат” случаите и самите себе. Нема систем во државата, нема едукација, нема емпатија кон состојбите: епидемија, загаден воздух, загадена вода…. Во кој век живееме?
Кампањите за подигање на свеста кај населението се или отсутни, или се сведуваат на штури соопштенија во медиумите кога веќе има хоспитализирани и починати лица. Надлежните ретко спроведуваат едукативни кампањи за отстранување на стоечките води и домашните жаришта.
Иако климатските промени и порастот на температурите создаваат идеални услови за намножување на инкубираните комарци, тие не смеат да бидат алиби за системска неспособност. Научните предупредувања од европските агенции се игнорираат се додека не се појават првите тешки невроинвазивни форми и смртни случаи.
Што е потребно за суштинска промена?
Менаџирањето со епидемилошки ризици од ваков вид не смее да се третира како сезонски административен трошок, туку како прашање на национална безбедност.
Неопходно е итно воведување на систематски, рани ларвицидни и адултицидни третмани кои почнуваат уште во пролетните месеци, строг мониторинг на популацијата на комарци преку лабораториски тестирања, како и транспарентно и навремено информирање на јавноста. Во спротивно, секоја нова година ќе ја дочекуваме со истото изненадување од појава на болест која е целосно предвидлива и чие ширење може да се контролира со сериозна стратегија. Постои ли Национален оперативен штаб со јасна одговорност?!? Интензивен ентомолошки надзор? Мапирање и уништување на местата за размножување? Проценка на ризикот во цела држава? Независен аудит на институционалниот одговор? Национална стратегија за вектор-преносливи болести? Постои ли?
Не може Google Maps да биде замена за теренски ентомолошки надзор. Може да биде помошна алатка за идентификување потенцијални водни површини, но не може да покаже дали во конкретниот базен има ларви, кој вид комарец се размножува или дали постои вирусна циркулација.
Граѓаните имаат своја улога. Но не може од граѓаните да се очекува да го преземат товарот на државната политика за контрола на векторите.
Здравјето на граѓаните не е ПР-кампања.
Текстот ги изразува мислењата и ставовите на авторот и не се ставови и мислења на порталот napred.mk

Издвојуваме