spot_imgspot_img

Најчитани

spot_img

Може ќе ве интересира

(ВИДЕО) МЕЛОВ: 115 ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ ЗА ПЕТ ГОДИНИ ВО КАВАДАРЦИ – ЗОШТО МЛАДИТЕ СИ ОДАТ?

На последната седница на Советот на Општина Кавадарци, советникот Вуко Мелов се осврна на демографските движења во општината, посочувајќи го намалувањето на бројот на запишани првачиња во последните пет години.

Мелов посочи дека во 2021 година во Општина Кавадарци биле запишани 409 првачиња, додека во 2026 година бројот се намалил на 294. Минатата година, пак, биле запишани 315 првачиња.

Според него, разликата од 409 на 294 првачиња претставува намалување од 115 деца за период од пет години.

„Ќе се доведеме во ситуација како во онаа анегдота кога кандидат пред избори оди во село и ветува нови училишта, сали и игралишта, а луѓето му велат: Абе друже, ние деца немаме, нема кој да го користи тоа“, рече Мелов.

Според советникот, бројките треба да бидат сериозен сигнал за локалната и централната власт и да отворат суштинско прашање: зошто младите си одат, зошто сè помалку млади семејства остануваат во Кавадарци и што прават институциите за да го променат тој тренд.

Мелов оцени дека две прашања се особено важни: домувањето и платите.

„Како очекувате младите луѓе да останат овде и да создаваат семејства кога не можат да го решат најосновното егзистенцијално прашање, домувањето?“, праша Мелов.

Тој посочи дека цените на становите од околу 1.200 до 1.300 евра за квадратен метар претставуваат сериозен товар за младите брачни парови, кои за сопствен дом се принудени да преземаат кредити со рокови на отплата од 20 до 30 години.

Според Мелов, општината има простор за конкретни политики во оваа област, преку достапно домување, обезбедување општински парцели, субвенции и други мерки со кои би им се олеснило решавањето на станбеното прашање на младите.

„Но за тоа мора да постои политика“, порача тој. Како втор клучен фактор Мелов ги посочи платите и животниот стандард.

„Не можете да очекувате младите да останат во Кавадарци и во државата ако платите не го следат растот на трошоците за живот“, рече советникот.

Тој оцени дека доколку продолжи политиката на недоволно зголемување на платите во однос на растот на животните трошоци, трендот на иселување може дополнително да се зголемува во наредните години.

Мелов заклучи дека намалувањето на бројот на првачиња не треба да се гледа само како статистички податок, туку како показател за поширок демографски проблем со кој се соочува Кавадарци.

Според него, доколку институциите сакаат во иднина да има повеќе деца во училиштата, потребно е најпрво да се создадат услови младите да останат, да создаваат семејства и да го планираат својот живот во Кавадарци.

„Проблемот не е само колку училишта и спортски сали ќе изградиме. Проблемот е што сè помалку има кој да ги користи“, порача Мелов.

Видео од излагаљето на советникот Вуко Мелов:

 

 

Издвојуваме