Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со остра реакција и директни обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и функционерите од неговата владина коалиција.
Поводот за сериозната политичка реакција е отсуството на оставки и одговорност кај високи владини претставници по низа спорни изјави, јавни објави и постапки. Од опозициската партија обвинуваат за директно величање на личности поврзани со воени злосторства, како и за говор на омраза насочен кон политичките противници.
Во продолжение ви го пренесуваме соопштението за јавност од СДСМ во неговата интегрална форма:
Соопштение за јавност на СДСМ:
Без оставки од Стоилковиќ и Китановиќ – Мицкоски потврдува дека Младиќ е и негов генерал
Христијан Мицкоски молчи за својот пулен во Владата, Иван Стоилковиќ, не смее ниту да го спомене со име, а камоли да побара негова одговорност. Молчи и за Китановиќ.
Иван Стоилковиќ навредува пратеници во Собранието и го велича Ратко Младиќ.
Далибор Китановиќ како Директор на Агенцијата за правата на заедниците објавува пофалби за човек кој спроведувал етничко чистење на заедниците.
Мирослав Тричковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазици на заедниците објавува гнасни текстови полни со тешки навреди и говор на омраза против СДСМ и претседателот Венко Филипче.
Тоа е екипата на Стоилковиќ. Тоа е екипата на Мицкоски, а сите заедно се екипата на Вучиќ.
Без оставки на Стоилковиќ и Китановиќ значи дека останале на истиот став дека Младиќ е нивен генерал.
А со тоа и Мицкоски, како нивен шеф, потврди дека Младиќ е и негов генерал.
Знаеме дека Младиќ е генерал на Вучиќ. Сега знаеме дека е и на Мицкоски.




