spot_imgspot_img

Најчитани

spot_img

Може ќе ве интересира

ЛЕВИЦА: НОВА БИЗНИС ШЕМА НА БАЏАНАКОТ НА МИЦКОСКИ ВО СТРУМИЦА – ОД СГС НА МИЈАЛКОВ ПРЕКУ „РУБИКОН“, СЕГА ДО „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“

Политичката партија Левица преку соопштение излезе со обвинувања за нова бизнис-шема во Струмица, поврзана со новооснованата агенција за обезбедување „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“. Од партијата бараат итни одговори од МВР, Комората за приватно обезбедување, Општина Струмица и организаторите на фестивалот „Астерфест“, со цел да се расветли евентуалната вмешаност на високи функционери и роднински врски со власта во функционирањето на оваа фирма.

​Во продолжение, соопштението на Левица го пренесуваме интегрално:

НОВА БИЗНИС ШЕМА НА БАЏАНАКОТ НА МИЦКОСКИ ВО СТРУМИЦА – ОД СГС НА МИЈАЛКОВ ПРЕКУ „РУБИКОН“, СЕГА ДО „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“

Во Струмица никнува нова фирма за обезбедување во политички амбиент што премногу потсетува на веќе видени вмровски приказни. „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“ ДООЕЛ е основана на 7 април 2026 година, а како управител се впишува Горан Филиповиќ. До Левица стигнуваат информации дека Филиповиќ е близок со Дејан Ефтимов – началник на СВР Струмица, а кого Панче Тошковски го постави на чело на струмичката полиција во февруари 2024 година.

Само четири месеци по основањето, според информациите со кои располагаме, „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“ веќе била ангажирана за обезбедување на „Астерфест“. Ова е особено важно затоа што годинашниот фестивал е финансиски поддржан од Општина Струмица и Агенцијата за филм. Затоа Тошковски со документи треба да одговори, кога точно МВР ѝ издало дозвола, со кои најмалку 15 лиценцирани работници го исполнила законскиот услов и кој ја ангажирал? Имено, Законот е јасен и предвидува дека само регистрација на фирма не е доволна, туку за давање услуги на физичко обезбедување е потребна дозвола од МВР и најмалку 15 лиценцирани работници.

Дополнително, во јавно објавената листа на агенции-членки на Комората за приватно обезбедување што ја проверивме, „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“ воопшто не се појавува. Самата Комора наведува дека правните лица што даваат услуги на приватно обезбедување се здружуваат во Комората. Затоа, апелираме на одговори! Четири документи се доволни за да се разјасни дали станува збор за фирма што добила политичка турбина уште пред добро да го исуши печатот од Централен регистар.

А главното прашање во целата струмичка приказна е Јорданчо Јанев – Дано, баџанакот на Мицкоски. Јанев веќе има разгранет бизнис во Струмица – тој е сопственик на „Дано-транс“ и „Интерпласт груп“, а фирма во која е сопственик, „Шалом-Фуд Груп“, по доаѓањето на ДПМНЕ на локална власт доби и договор од буџетот на Општина Струмица за свечен ручек. До нас стигнуваат информации дека токму околу овој политичко-бизнис круг треба да се бара вистинската позадина на новата агенција. Затоа, со директно прашуваме: Има ли Дано каква било директна или индиректна улога во „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“, нејзиното финансирање, клиентите или отворањето врати за бизнис?

Македонија веќе го гледаше овој филм. СГС своевремено експресно освојуваше крупни објекти додека во јавноста беше поврзувана со тогашниот шеф на УБК Сашо Мијалков, а денес пред суд се расплетува случајот со „Рубикон“, агенцијата што ја обезбедувала дискотеката „Пулс“, при што Обвинителството го товари Александар Нацев дека дејствувал како нејзин реален сопственик и одговорно лице (инаку, активист на ДПМНЕ).

Левица бара МВР, Комората, Општина Струмица и организаторот на „Астерфест“ веднаш да ја објават целата документација за „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“. Зашто кога во ист мал круг ќе се најдат полиција, партиска моќ, премиерски роднински врски и бизнис со обезбедување, јавноста повеќе не може да верува само на зборови – имаат обврска да покажат сè на хартија.

Издвојуваме