spot_imgspot_img

Најчитани

spot_img

Може ќе ве интересира

СДСМ: Ние сме за институции – не сме за банда!

Во соопштение за јавноста, Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) упатува остра реакција и директен одговор на последните јавни настапи, изјави и обвинувања на премиерот Христијан Мицкоски. Опозицијата ги демантира тврдењата дека е „против сè“ и ги изнесува своите позиции за клучните општествени и економски прашања:

  • Економија и инвестиции: СДСМ ја оспорува економската политика на владата на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи драстичен пад на странските директни инвестиции за над 65 проценти (од 250 милиони евра по квартал на скромни 18,7 миллиони евра). Дополнително, партијата алармира за спорни јавни набавки (како броилата на ЕСМ), нетранспарентни владини патувања во странство и ненаменско трошење буџетски средства.

  • Екологија, здравје и ресурси: Се упатуваат сериозни критики за отворањето рудници во национални паркови, нерасчистените случаи со отруена вода за пиење и загрозувањето на повеќе од 50 населени места, како и за нејасните планови околу енергетските трошоци за најавените дата-центри.

  • Надворешна политика и државност: Соопштението ја подвлекува поддршката за евроатлантскиот пат и членството во НАТО, додека остри критики се упатени кон штетните странски влијанија, задкулисната „ходник-дипломатија“, блокирањето на реформите кон ЕУ и нови задолжувања од 4 милијарди евра.

Интегрален текст од соопштението:

Мицкоски кажа дека СДСМ е против сè, а само за марихуана-економија. Кажа дека сме за распродажба, дека ќе потпишеме бел лист.

Нема дилема. Има лаги.

Против инвестиции? Најголемите инвестиции беа во време на СДСМ. Сега во време на ВМРО-ОКГ паднаа за над 65 проценти. Од околу 250 милиони просечно по квартал во времето на СДСМ на само 18,7 милиони евра сега во последниот квартал. Мицкоски нема инвестиции затоа што никој не вложува во земја што ја води организирана криминална група. Тој е на чело.

Не сме против проекти. Туку сме против неговите лични проекти. Броилата на ЕСМ не се проект. Тоа е грабеж на Адамовиќ, Лазаревиќ, а сè спроведува преку Божиновска, две децении човек на Лазаревиќ.

Кога ќе поведе 50 луѓе во Америка на грб на граѓаните – роднини, тетки, стрини, да, сме против тоа. Тоа го плаќа народот.

Кога се работи под маса, под радар, има скриена намера. Кога лоби-куќа плаќа состаноци по хотели, кога се чека по ходници – точно, сме против ходник-дипломатија.

Приватна каса не дава околу 1,56 милиони долари годишно затоа што арамијата носи часовници од 60.000 евра и одело од 10.000 евра.

Дава затоа што интересот е поголем од влогот. Цртање на табла не ни треба.

Марихуана-економија? Нека каже што е со заплената од 100 тони. Нека каже што беше со петте тони што завршија кај сестринската партија во Србија.

За неговата економија нема да прашуваме. Граѓанинот ја гледа „третата економија на Европа“ во фрижидерот и во паричникот. Не мора да црта како Вучиќ.

Македонија на добар пат? На кој – кон дното на слепото црево?

Рудници во национален парк? Не може фекалии во вода. Единаесет недели нема извештај од Гостивар. Пет илјади отруени граѓани. Нема одговорни. Нема обвинителство. Над педесет места без вода безбедна за пиење. Лепенец и Вардар без име – кој ги отру. Дали некој му верува дека антимонот нема да ја отруе водата?

Дата-центри: прво водено ладење, па потоа воздушно, а притоа не кажа од каде струја и кој ќе плаќа.

Странски влијанија? Да, сме против. Не може Орбан и Вучиќ да управуваат со Македонија. Не може руската партија Левица заедно со Мицкоски да ги исполнува желбите на Москва. Не може човек на БИА да биде министер. Најмалку може да се слави осуден српски воен злосторник.

Против поделби? Да. Народот не е талог. Тој не е елита затоа што самиот рече дека е зависен од убави и скапи работи. Техники на Ванчо Михајлов. Латас – човек на служба, пропаганда по модел Гебелс заедно со Ивона. Тоа влече корени од фашизам. Како наследници на АСНОМ, и како граѓани – сме против.

Вели, конструкции и лаги. Синоќа во Брвеница повторно не даде ниту еден одговор.

Еве кажуваме јасно. Ние немаме дилема. Ние сме против криминал и корупција.

За Гета чувме. Нула денари беше лага. 5,53 милиони евра народни пари. Многу лаги. А дела нема – освен криминални.

За потпис: ние гордо го потпишавме пристапувањето на земјата во НАТО и ги отворивме преговорите со ЕУ. Таа ЕУ што тој ја блокира две и пол години, без реформи.

Што потпиша „патриотот“ со куп бугарски пасоши? Задолжување од 4 милијарди евра за две години.

Ние сме за институции. Не сме за банда.

Дилемата ја нема кај народот. Ја има Мицкоски – секој пат кога ќе зине!

А што се однесува до нихилизмот, сега кога изгужваниот професор со безобразни кафански манири, од Фројд премина на Ниче – нихилизмот не е недоверба, туку крштевање на злото во добро и наредба народот да аплаудира.

Издвојуваме