СДСМ најавува системски реформи и бескомпромисна борба против корупцијата преку новиот „Мастер план за Македонија“. Претседателот на партијата, д-р Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, откри клучни детали од планот што предвидува комплетен ветинг за сите функционери од 2017 година досега, нов Закон за антикорупција со американски и естонски модел за конфискација на имот, како и проширена соработка со Европското јавно обвинителство. Филипче порача дека тој ќе биде првиот што ќе подлежи на проверка, нагласувајќи дека ова е единствениот пат за расчистување со корупцијата што е навлезена во сите пори на општеството.
Интегрален текст од соопштението:
Филипче: Најавувам ветинг на сите функционери од 2017 година наваму
Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто за емисијата „Само интервју“ на Канал 5, образложи дел од мерките од „Мастер планот за Македонија“, на СДСМ кој содржи системски реформи и мерки за справување со корупцијата.Како една од мерките ветигнот на сите функционери од 2017 година до сега.
„Пред неколку недели најавив еден таканаречен „Мастер план за Македонија“. Тоа се неколку мерки, седум-осум точки кои што сметам дека треба да се воведат после смената на власта, кога и да се изборите, ако граѓаните ни дадат доверба. Една од точките е ветинг на сите функционери од 2017 година наваму, јас прв и сите други функционери ама и сегашните актуелни. И мислам дека нема веќе кој да има забелешка на тоа како се менаџира системот затоа што тоа ќе биде првиот чекор во расчистувањето со оваа страшна корупција која што е сега навлезена во сите пори на општеството“, рече Филипче.
Покрај ветингот, како што појасни Филипче, мастер планот опфаќа и други конкретни мерки во областа на правосудството и борбата против корупцијата, како што е носењето нов Закон за антикорупција, со механизми за заштита на сведоци и конфискација на незаконски стекнат капитал.
„Најпрво ќе донесеме нов Закон за антикорупција. Таму има членови за заштита на сведоци кои што ќе дадат информации и за заплена на нелегално стекнат капитал до 95 %“, рече Филипче, посочувајќи дека решението е инспирирано од одредени американски закони и од моделот што се применува во Естонија.
Воедно, Филипче најави и проширување на соработката со Европското јавно обвинителство за случаи на висока корупција, како дел од поширокиот пакет мерки што го опфаќа мастер планот.




