Во Неготинско и целата Тиквешија деновиве се случува вистинска катастрофа. Нема откуп на грозје, а лозарите се оставени без поддршка од власта, соочени со огромни трошоци и без можност да го пласираат својот род. Дел од нив веќе почнаа да ги сечат и копачат своите лозови насади, уништувајќи го она што со години го граделе. Ова не е само проблем на една реколта, туку сериозна закана за иднината на лозарството во регионот.
Претседателот на ОО СДСМ Неготино, Вуле Младеновиќ, на прес-конференција истакна дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ целосно ги запоставила лозарите и сите земјоделци. На место да обезбеди пари за субвенции и интервентни мерки во услови на зголемени трошоци за живот, власта потроши 5 милиони евра народни пари на забави, диџеи и скапи пејачи.
СДСМ бара итно реагирање од Владата и ги предложи следните конкретни мерки:
- Зголемување на откупната цена за 5 денари по килограм.
- Укинување на 8%-ниот попуст што се бара за побрза исплата.
- Интервентен откуп од страна на државата за црното грозје кое ќе остане непродадено.
Лозарството не смее да биде жртва на неспособноста и погрешните приоритети на оваа власт. СДСМ бара итна заштита на трудa на лозарите и обезбедување сигурен откуп.
Видео:




