Природна непогода и нов удар врз земјоделците! Додека лозарите во Тиквешијата се соочуваат со драматична неизвесност околу откупот на грозјето, вчерашното невреме проследено со разорен град нанесе катастрофални штети на лозовите насади. Во услови кога целогодишниот труд и вложените средства за неколку минути се претворија во пепел, општинските советници Вуко Мелов и Горан Тодоров презедоа итна акција.


Со поднесеното барање до Општина Кавадарци, тие бараат итно излегување на терен на комисиите за проценка на штети, реално утврдување на оштетеността на родот и брза финансиска помош за погодените семејства.
Кога институциите молчат пред катастрофата, прашањето е: Дали локалната власт ќе им сврти грб на лозарите или итно ќе обезбеди праведно обештетување за трудот што ја храни цела држава?
Соопштение за јавност (Интегрално)
БАРАМЕ ИТНА ПРОЦЕНКА И ОБЕШТЕТУВАЊЕ ЗА ЛОЗАРИТЕ ПОГОДЕНИ ОД ГРАДОТ!
Денес поднесовме барање до Општина Кавадарци за итна проценка на штетите предизвикани од вчерашното невреме со град.
Градот предизвика сериозни оштетувања на лозовите насади токму во период кога лозарите веќе се соочуваат со огромна неизвесност околу откупот на грозјето.
Бараме итно да излезе комисија на терен, да се утврди реалниот процент на оштетеност на родот и да се преземат конкретни мерки за финансиско обештетување на погодените лозари.
Во ситуација кога лозарите цела година вложувале труд и средства, а денес се соочуваат со штета од природна непогода, институциите не смеат да стојат на страна.
Советници: Вуко Мелов и Горан Тодоров




